Monday, September 7, 2009

14-то Биенале на млади уметници - во Скопје


Скопје ќе биде домаќин на најголемиот европски културен настан годинава 14-тото Биенале на млади уметници од Европа и од Медитеранот. 713 уметници од 48 земји од Европа, на различни локации ќе се претстават во 7 различни уметнички дисциплини: визуелна уметност (пластична уметност, фотографија, илустрации, перформанс, видеоарт, стрип и сајбер арт), применета уметност (архитектура, визуелна/индустриска.вебдизајн, мода, дигитални креации), изведувачка уметност (театар, танц, урбан перформанс), музика (рок, поп, џез, фолк/етно, современа, дигитална), слики во движење (филм, видео, анимиран филм), литература (пишување, поезија) и гастрономија. Изложбите, концертите, претставите, перформансите секој ден почнуваат од 11 ч. или напладне, и ќе следуваат еднаподруга, а изложби на визуелна и применета уметност (околу 1.000) ќе бидат поставени и ќе траат до 15 октомври. Вечерва, по свеченото отворање, на плоштадот Македонија ќе се одржат три концерти, на кои ќе настапат "Конспираси бенд", како специјални гости, италијанците "Џасинто Канек" и шпанскиот пауерпоп-бенд "Малдебарес".
Селектираните уметници се одбрани од 30.000 уметници кои конкурирале во изминативе две години. Годинава за првпат е формирано специјално жири од членовите на светската мрежа за уметнички резиденции "Рес арти", кои на 11 септември во 18 ч. ќе изберат 9 од најдобрите продукции, чии автори ќе добијат покана да учествуваат на еден од најголемите настани организирани од оваа мрежа. Темата на годинешното биенале е "Седум порти" и е поврзана со античката легенда за градот Скопје.
14. Биенале Скопје 2009 се оценува како најважната уметничка манифестација за годинава за евромедитеранскиот регион. Ова е второ биенале кое се одржува на просторот на бивша Југославија, по јубилејното десетто во Сараево во 2001. Градови домаќини на Биеналето на млади уметници досега, меѓу другите, биле Барселона, Рим, Солун, Марсеј, Лисабон и Торино.
Главен организатор на настанот е Асоцијацијата за меѓународна младинска соработка од Скопје, во соработка со Министерството за култура, Градот Скопје и со Асоцијацијата на Биенале на млади уметници од Европа и од Медитеранот.
(И.И.)

Бројки на Биеналето

250.000 луѓе се очекува да бидат вклучени во Биеналето: публика, професионални куратори и оператори, фондации, галерии, уметници, актери, културни работници, професионалци, студенти, политичари и медиумски работници
354 продукции од визуелните и применети уметности, 262 продукции на урбани дела, концерти, шоу, театар и танц, 45 проекции на долгометражни и краткометражни филмови, 34 литературни читања. Биеналето го следат 40 медиуми од Европа.
Над 15 различни локации низ градот ќе го трансформираат Скопје во огромна уметничка сцена (Музеј на Град Скопје и на современа уметност, КИЦ, Национална галерија, МКЦ, Куршумли ан, Сули ан, Македонски народен театар, Драмски, Македонска опера и балет, плоштад Македонија, Скопско кале, Градски парк, Дом на АРМ, студентски дом "Пелагонија", Кинотека, кафулиња низ градот)
7 меѓународни млади готвачи ќе подготвуваат храна.

No comments:

Post a Comment