Tuesday, May 14, 2013

Како Cafe Crepe од центарот на Скопје ме однесе до Париз


Дали сте забележале колку вкусови крие нашиот Град?

Колку кафиња?

Колку слаткарници?

Во последно време, Скопје се труди да ги збогати своите драги жители со палачинки.
Во периодот кога (со закаснување) го открив дијамантот за кој ќе зборам во текстов, ретко се шетав низ град, особено ретко низ Центар. Тоа е и причината што дознав за Café Crepe три месеци по неговото отварање.
Улица Македонија ја доживувам како пазар за кафе, каде што кафичите дискретно се наддаваат кое ќе биде поубаво. Како и на секој пазар, си ги учиш тезгите што ти се најмногу погодени, па и на глава да ти се качува продавачот од соседната тезга, ти ќе си одиш кај твојот. Во превод, само некои кафичи нудат добро кафе.
А Café Crepe покрај фантастичното префинето кафе, нуди и палачинки, бе! И тоа не било какви, не не. Café Crepe решава во куфер да донесе ред искуство, ред смисла за естетика и ред француски шмек, токму во нашиот град, на ул. Македонија, до кино Вардар, право на мојата маса. И што е најважно, научиле како се постигнува, мирисот на божественото благо, и височество – палачинка, да се шири многу подалеку од границите на нивната летна тераса. Менито – боли глава! Откако внимателно читавме и голтавме на празно со моето друштво од еден човек, се одлучивме едната палачинка да биде со Нутела и цимет, а другата со карамел. Не дека немаше друг избор. Ама кога ќе те снајде таква уметност на приготвување храна, се губиш како пред дело на Да Винчи во сред величественоста на Лувр. Палачинката со Нутела нема потреба да ја објаснувам мислам, а палачинката со карамел беше посипана со течност од комбинација на Werther’s original бонбони и сите убавини што еден мозок ставен на диета може да ги смисли.
Самиот ентериер е инспириран од топли карамели, ванили и чоколада. И сликички од Париз, во случај вкусот да не ви е доволен и да треба со очи да се убедите дека сте на едно многу фино место.
Она што ме радува е што во тие неколку секунди, тие неколку метра на ова корзо, мирисот со кој не части Café Crepe те носи директно во Париз, пред улична слаткарница и неспоредливото чувство на „СЕГА ЌЕ ЈАДАМ ПАЛАЧИНКА!“

Пробајте и уживајте.

No comments:

Post a Comment