Tuesday, February 2, 2010

Скопско кино

Ете, АВАТАР го снајде и нашиот мил град, а не знам што мораше да го „снаоѓа“. Наводно, филмот предизвикувал депресии, дури и самоубиства, па јас и мојот одбор за проверка на настаните во Скопје, отидовме да провериме дали ќе паднеме во депресија, или пак можеби ќе се решиме на колективно или индивидуално самоубиство. Седнавме во малото кинце во Рамстор, скептични и безобразни, и чесно го одгледавме филмот кој „го потопи“ Титаник во гледаност.


...

...

Па, уште сме живи и полни со елан. А вие, драга скопска кино-публико, ако сте ја гледале Лорд оф д Рингс трилогијата, и на Мајкл Џексон (слава му и милост) спотовите за Billie Jean и Earth Song, или цртаниот филм Фернгали, не очекувајте дубока депресија. Очекувајте аутошлапање по чело со изјавата „само Американец може да се убие поради модерна верзија на Покахонтас.“

Но, да видиме, како се забавувале Скопјани со киното, кога не постоеле бурлески како Аватар...

Кината во градот Скопје во периодот меѓу двете светски војни, претставувале најинтересна и најомилена забава на скопјани.

Со појавата на тонскиот филм, кината во градот биле максимално посетени. Постоела големата реклама и комерцијална основа за прикажување на тонски филмови, но тие не нуделе ни технички, ни содржински квалитет. Немите филмови, според критичарите, биле ремек дела во споредба со тонските филмови.

Но, сепак, соединувањето на музиката и говорот во филмот претставувало своевремена сензација за човештвото.




Во периодот 1923-1925 год. во градот постоеле три кина - “Балкан” “Вардар” и “Зрински”.

Во големата сала на кафеаната “Зрински” секоја вечер, во зимскиот период, се прожектирале филмови, а во летниот период во бавчата. Филмовите кои се прикажувале во киното”Зрински” биле од продукција на познати светски филмски продукциски куќи. Во 1926 год. во голем пожар изгорела кафеаната и киното “Зрински”.

Во 1925 год. во состав на кафе “Аполо” кое се наоѓало на плоштадот Крал Петар, било отворено ново кино кое во однос на опремата било посовремено. Киното “Аполо” имало ложи со седишта кои биле нумерирани, [4] а салата била поделена на прв и втор дел. Во ова кино најстрого било забрането служење на пијалаци и храна, но затоа, во холот имало бифе. Киното во летните месеци ја прикажувало филмската програма на “венецијанската” тераса.

Ако ве интересира понатаму, можете да кликнете тука .

Бидете добри, и не заборавајте да одите барем понекогаш во кино.

Ве сака Скопје

1 comment: