Friday, July 19, 2013

Добротворен крикет натпревар во Англија за нашите глуви спортисти!

Ова можеби и не е тесно поврзано со Скопје, но нас ни е инспиративна приказна што решивме да ја споделиме. Неодамна на Фејсбук објавивме дека на Олимпијадата за глуви и наглуви во Софија оваа година испраќаме наши спортисти што ќе не претставуваат најдобро што можат.

Во рамки на организацијата, координаторите секако наидуваат на пречки што постепено ги надминуваат со оглед на тоа што спортот на глувите е доста неразвиена ствар во Македонија, но сепа, денешнава наша приказна лежи тука:
Од човек на човек, неколку пристојни господа во Англија, кои секој викенд, на неочекуваното топло лето што ги снашло, играат крикет, дознаваат дека нашиот Олимписки тим на глуви се соочува со пречки во остварување на своите спортски цели, и највеликодушно се нудат следниот натпревар да го изиграат во нивна чест. Уште и поради воодушевувањето на еден од играчите кој бил во Македонија, решаваат своите тимови симболично да ги наречат „Скопје“ и „Охрид“, а собраните средства да им ги префрлат на нашите спортисти, кои, како што пишува на нивната Фејсбук страница ќе ги искористат на понатамошните патувања и подготовки во нивната спортска кариера.

Да се живи и здрави овие отмени господа, а на нашиве деца им посакуваме најмногу среќа на Олимпијада во Софија!

Thursday, July 4, 2013

СКОПСКО ЛЕТО 2013

Многу сакаме Скопско Лето. И манифестацијата, а богами и ова, 2013-то, ич не не пече и не не малтретира како лани.
Назад на Скопско Лето 2013, битни работи за споделување:

Скопско лето 2013 заедно со Радио МОФ го подготвува настанот „Мое Скопје“, кој ќе биде целовечерен настан проследен со неколку изложби и музика. 

Настанот има за цел да ги повика скопјани со своите приказни, дела, фотографии или разни други изработки да го прикажат Скопје какво што тие го сакаат. 

Изложбата ќе се одржи на 13 јули  во Сули Ан. Настанот e поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество и ќе биде дел од програмата на Скопско лето 2013.

Чекаме информации за настаните на Скопско Лето и ќе ги објавиме тука.
Во меѓувреме, сите кои имаат идеја или начин да го разубават или збогатат репертоарот на Скопско Лето 2013, може да ги исконтактираат на info@radiomof.mk


Пријатно Скопје на сите!


Pole Fitness во Скопје!

Увек збориме дека Скопје е супер град заради се што има во него. И дека е метропола, затоа што е отворен за све модерно што сака да влезе. Современа градска уметност, современи спортови. Све мислам дека со parkour слабо стоиме. Али затоа Скопје доби фитнес на шипка, луѓе мои!
Не е ова од вчера, нашата Pole Fitness репрезентација си функционира од почетокот на годинава, ама девојките се толку јаки, што ние мораме да ги објавиме овде.

По иницијатива на Цеце и Бојана, супер девојки од Скопје,  од февруари годинава, нашиот град може да се гордее со Pole People, радња што ги учи скопските девојки како да се вајаат со еден одличен спорт, што истовремено налага да бидат свесни за своите движења, женственост и да ја контролираат силата за да изведат фантастични форми и движења на нивниот главен реквизит, вертикална шипка. 



А ние ваму пресреќни што кога ќе не прашаат „и што има во Скопје“, можеме да кажеме „све, плус pole fitness“. Нема промашај!


Friday, June 7, 2013

ИЗЛОЖБА ПО ПОВОД 50 ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО СКОПЈЕ: „НЕДОВРШЕНИ МОДЕРНИЗАЦИИ: ПОМЕЃУ УТОПИЈАТА И ПРАГМАТИЗМОТ“

ИЗЛОЖБА ПО ПОВОД 50 ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО СКОПЈЕ:
„НЕДОВРШЕНИ МОДЕРНИЗАЦИИ: ПОМЕЃУ УТОПИЈАТА И ПРАГМАТИЗМОТ“

Место: Музеј на град Скопје 

Датум: 10.06.2013
Време: 20:30ч

Почутувани пријатели,


ќе ни претставува особена чест и задоволство доколку со Вашето присуство го збогатите отворањето на изложбата по повод 50 години од земјотресот во Скопје: „Недовршени модернизации:помеѓу утопијата и прагматизмот“, поддржана и преку Програмата за култура за 2013 година на Министерството за култура на РМ и на Град Скопје.


Изложбата „Недовршени модернизации: помеѓу утопијата и прагматизмот“ е големото финале на двегодишниот истоимен проект, реализиран од страна на Здружението на хрватските архитекти од Загреб; „Орис“ куќа на архитектурата од Загреб, Музејот за архитектура и дизајн од Љубљана, Уметничката галерија од Марибор, Здружението на архитектите на Белград од Белград и „Коалицијата за одржлив развој“ - КОР од Скопје. Проектот, реализиран во рамките на европската програма Култура 2007-2013, претставува иницијатива за долгорочна истражувачка платформа за архитектурата и урбаното планирање на просторите на поранешна Југославија, создавани во периодот од почетокот на заедничката социјалистичка држава до денес, гледано низ призмата на еден поширок социјален, политички и културен контекст.


Преку изложбата се претставени карактеристичните архитектонски и урбанистички практики од периодот на социјализмот во однос на општествениот контекст во кој тие настанале, но и нивниот сегашен изглед и карактер. Опфаќајќи ја целокупната работа на истражувачите од Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и од Словенија, изложбата, освен со естетските и технолошките достигнувања на архитектонските и на урбанистичките проекти, се занимава и со општествената перспектива на процесите што влијаеле врз развојот, постоењето и распадот на Југославија. Релевантноста на избраните проекти се оценуваше врз основа на придонесот на тие достигнувања во обликување на јавната сфера. Една од целите на проектот беше и да го преиспита општото (и меѓународно прифатеното) верување за периодот на урбаната модернизација во поранешна Југославија и да ја промовира различноста на културните идентитети во регионот. 


Изложбата, прва од ваков тип, опфаќа бројни архитектонски проекти, од туристичките експерименти на Јадранскиот брег, изградбата на пост-земјотресно Скопје како единствен пример за сеопшта меѓународна солидарност, преку концептите за новите градови и изложбените павилјони на меѓународните изложби, се до озлогласените јавни објекти и историски споменици во републиките на поранешна Југославија од 1948 до 1990 година. Преку еден поинаков, нов пристап, изложбата ја отсликува целта на проектот да го преиспита социјалистичкото архитектонско наследство на Југославија и да ги разбуди силните и продуктивни врски, присутни на секој чекор во урбаниот простор на поранешната заедничка држава.


Проектот се реализираше преку 14 истражувања, 5 конференции (Загреб, Скопје, Белград, Сплит, Марибор), со преку 30 истражувачи. Во 2012 година, истражувањата се претставени на изложбата во Марибор, Словенија, град којшто во 2012 беше Европска престолнина на културата. Од 2012 година до сега изложбата „Недовршени модернизации:помеѓу утопијата и прагматизмот“ беше поставена во Белград, Сараево, Подгорица, каде побуди огромно интересирање и кај стручната јавност и кај обичната публика. Следна дестинација на изложбата е Загреб.


Поради сето ова погоре наведено, цениме дека и Вие со вашето присуство ќе придонесете за подостојно одбележување на големиот јубилеј на главниот град - 50 години од земјотресот на Скопје. 


Здружението на граѓани „Коалиција за одржлив развој“ - КОР од Скопје е доброволна, непрофитна и непартиска организација на граѓани кои работат во партнерство за да промовираат, поттикнат и реализираат активности кои ќе водат кон одржлив развој на заедницата. Мисијата на Коалицијата за одржлив развој е промовирање, поттикнување и реализирање на активности коишто ќе придонесат кон обезбедување одржлив развој во Република Македонија, преку взаемна и координирана работа на граѓанскиот сектор со националната и локалната власт. Имајќи ги предвид Статутарните определби на „Коалицијата за одржлив развој“, организацијата како сфери на своето делување ги има таргетирано сите четири области на одржливиот развој: економскиот, општествено-социјалниот, еколошкиот и културниот развој.


Со почит,

Милева Мики Златановиќ
ПР КОР

Monday, May 27, 2013

Скопје мириса на кафе!

Конечно пак дојде ред да се прослави скопската фраза „ај на кафе“.
 
Скопјани пијат кафе како споулавени. Ни се чуди цел свет, како тоа ние работиме преку ден, а кафичите се полни. Но, кафето чуда прави.

Скопје има можност да го слави овој боговски пијалок од 13-ти до 16-ти јуни, значи Coffee Fest  2013 се ближи, а ние - пресреќни!

Како и лани, ветуваат одлична атмосфера, а ние покрај тоа што ќе сркаме кафе, ќе можеме и да бидеме сведоци на Второто државно првенство за најдобар бариста.
Памтам дека лани имаше многу, многу супер кафиња, што е нормално кога ќе се соберат мајстори за кафе и квалитетни зрна на едно место, па Скопјани ќе можат да поуживаат и да се гордеат што Градот им е домаќин на еден ваков фин настан.
Локацијата е повторно АБЦ.

Ние се спремаме уште од сега.

Повеќе информации можете да видите на фејсбук-страната на Coffee Fest Skopje.

Thursday, May 23, 2013

Конкурс за избор на фотографија од Скопје

Сега сите прекрасни луѓе што ни испраќаат фотографии на Фејсбук можат конечно да добијат и признание за тоа.
Распишан е конкурс за најдобра фотографија од Скопје. Затоа изберете го вашето најубаво дело, каде што сте ги доловиле убавините на Скопје и Градот ќе ве награди.


Макфакс известува за деталите:

Конкурсот почнува денеска и ќе трае 15 дена од денот на објавувањето, а на него можат да се пријават професионалци, аматери и ученици.

Според пропозициите, мотивите на фотографиите треба да се од Скопје, да се достават минимум 10, а максимум 50 фотографии со различни мотиви од Скопје, по избор на доставувачот на фотографиите, може да се доставуваат и дневни и ноќни фотографии, да бидат во дигитален jpg или друг формат, со висока резолуција, а фотографиите да не бидат постари од пет години.

Изборот на фотографиите ќе го изврши специјална Комисија формирана од Град Скопје, според критериумите утврдени во Конкурсот.

На конкурсот ќе бидат доделени три награди за најдобра фотографија, односно:
Првата награда изнесува 50.000 денари, втората 40.000 денари и третата 30.000денари.

Со среќа ;)

Sk 02: Фото-блог за Скопје

Многу не радува кога наоѓаме луѓе што успеваат да го доживеат духот на Скопје. Така, Алекс Спасов решил да отвори фото-блог на Фејсбук каде што ќе ја преточи неговата љубов кон Скопје и ќе ја претстави неговата разбирачка со Градот, онаков каков што е, со сите свои современи страни и убавини.

Во целиов хаос кога духот на Скопје е сокриен зад горчината на неговите жители од најразлични причини, Алекс Спасов успева да го долови неговиот светски лик, обрнувајќи внимание на ситните, но неверојатно важни детали, што некако ги забораваме, а го прават град и метропола.
Алекс има 34 години, од Аеродром е и фотографијата го влече од мал.
И вака вика:



„Најбитно за било кој град - Скопје има душа. 

Преку фото-блогот сакам да ја прикажам токму таа енергија на градот. 
Луѓето, социјалната интеракција, навиките, архитектурата, настаните и се она што е дел од 
нашиот град. И сето тоа низ едно позитивно лично видување.“


Еве линк од блогот, кога ќе ви се смачи од Скопје какво што го гледаме по дневните весници и портали, можете да го видите тука.

Tuesday, May 14, 2013

Како Cafe Crepe од центарот на Скопје ме однесе до Париз


Дали сте забележале колку вкусови крие нашиот Град?

Колку кафиња?

Колку слаткарници?

Во последно време, Скопје се труди да ги збогати своите драги жители со палачинки.
Во периодот кога (со закаснување) го открив дијамантот за кој ќе зборам во текстов, ретко се шетав низ град, особено ретко низ Центар. Тоа е и причината што дознав за Café Crepe три месеци по неговото отварање.
Улица Македонија ја доживувам како пазар за кафе, каде што кафичите дискретно се наддаваат кое ќе биде поубаво. Како и на секој пазар, си ги учиш тезгите што ти се најмногу погодени, па и на глава да ти се качува продавачот од соседната тезга, ти ќе си одиш кај твојот. Во превод, само некои кафичи нудат добро кафе.
А Café Crepe покрај фантастичното префинето кафе, нуди и палачинки, бе! И тоа не било какви, не не. Café Crepe решава во куфер да донесе ред искуство, ред смисла за естетика и ред француски шмек, токму во нашиот град, на ул. Македонија, до кино Вардар, право на мојата маса. И што е најважно, научиле како се постигнува, мирисот на божественото благо, и височество – палачинка, да се шири многу подалеку од границите на нивната летна тераса. Менито – боли глава! Откако внимателно читавме и голтавме на празно со моето друштво од еден човек, се одлучивме едната палачинка да биде со Нутела и цимет, а другата со карамел. Не дека немаше друг избор. Ама кога ќе те снајде таква уметност на приготвување храна, се губиш како пред дело на Да Винчи во сред величественоста на Лувр. Палачинката со Нутела нема потреба да ја објаснувам мислам, а палачинката со карамел беше посипана со течност од комбинација на Werther’s original бонбони и сите убавини што еден мозок ставен на диета може да ги смисли.
Самиот ентериер е инспириран од топли карамели, ванили и чоколада. И сликички од Париз, во случај вкусот да не ви е доволен и да треба со очи да се убедите дека сте на едно многу фино место.
Она што ме радува е што во тие неколку секунди, тие неколку метра на ова корзо, мирисот со кој не части Café Crepe те носи директно во Париз, пред улична слаткарница и неспоредливото чувство на „СЕГА ЌЕ ЈАДАМ ПАЛАЧИНКА!“

Пробајте и уживајте.

Wednesday, March 30, 2011

Ориентални слатки во Старата Скопска Чаршија...




Домот е таму кај што е срцето. И домот не е само покривот над главата, туку просторот кај што се одвива животот.

Слаткарница „Охрид“, која се наоѓа наспроти стоковната куќа „Илинден“ во Старата скопска чаршија, веќе 104 години е вториот дом за повеќе генерации за семејството Бајмак. Или како што вели сопственикот, газда Азис, слаткарницата е повеќе од огниште за него, таа е пулсот на неговиот живот.

Традицијата на приготвување на најдобрите ориентални слатки ја почнува прадедото на газда Азис пред 104 години. Тој само се обидува да ја зачува во ова, како што го нарекува, време-невреме.

Слаткарницата „Охрид“ е отворена во далечната 1903 година и до денес се наоѓа на истата локација. Многу работи почнале и завршиле, се градело и се уривало, но слаткарница на семејството Бајмак останала на истото место во Старата чаршија. Исти останале и рецептите и тајната за приготвувањето на слатките, кои денес во времето на модерните странски слаткарници можат да се најдат уште единствено тука. Знаете друго место каде што с$ уште можете да јадете сутлијаш? Знаете ли што е казандибе? А ашуре? Каде уште во градов може да јадете млечник?


Тајната на ориенталните слатки

Азис Бајмак има 40-годишно искуство во правењето на најдобрите ориентални слатки.
- Кога имав 12 години, по завршувањето на часовите, кога сите мои врсници одеа да играат фудбал, брзав во слаткарницата, која тогаш ја водеше мојот татко, за да помогнам во приготвувањето на слатките. Поминувајќи го така детството, опкружен со сите тие мириси, вкусови, состојки и бои, не ни можев да го заборавам и да не го продолжам занаетот - раскажува газда Азис.

Знаете ли како се приготвува казандибе и што има во него?Јас не знаев и го замолив домаќинот да ми раскаже.

- Казандибот или, ако го преведеме, дното од казанот, е слатко што за да го сервирате треба да го превртите одопаку. Само така се послужува - со нескриена радост раскажува газда Азис.

- Токму загорениот дел што бил на дното при печењето сега е на врвот, а под него останува дебелиот бел слој на стврднато оризово млеко. Благоста и црно-белата боја имаат ефект на жлездите за излачување плунка или, со еден збор, веднаш посакувате да изедете едно парче - вели тој.

Особено ми се допадна ашурето. Тоа е необично ориентално слатко, зготвено од одлична мешавина на состојки, кои можат да се комбинираат и одделно. Главната смеса е овошно пелте во преубава бордо-нијанса, кое има арома на трендафилче, а во неговата внатрешност се заробени зрна варена пченица, суво грозје и сечкани урми.

Во витрината убаво изгледа и сутлијашот направен од топло млеко и ориз, посипен со цимет? Аромата потсетува на нашите детства, кога секоја наша лутина или немир бабите ги решаваа само со една лажица сутлијаш. Верувајте, наполно ист вкус има и сутлијашот што семејството Бајмак го приготвува во слаткарницата „Охрид“.

Таму е с$ тазе. С$ се прави во мали количества, повеќе пати во денот, за да биде пресно и убаво за јадење.

- Кога ги месам слатките, ги правам на начин како да ги приготвувам за моето семејство, со исто толку љубов и внимание - вели газда Азис.

Овде можете да си нарачате и кадаиф и да испиете кафе гледајќи низ излогот како живее чаршијата. Традиционалистите можеби ќе се заинтересираат за еклерите, а има, заради разновидноста на понудата, и неколку вида торти и ролати.
- Времето налага да се биде во чекор со она што го бараат луѓето, но секако една работа е постојана и никогаш не се менува - традиционалните слатки - велат во слаткарницата „Охрид“.

Затоа, ако наминете кон чаршијата, пробајте ги, секако, ашурето, казандибот и млечникот.

Потрага по спокојството

Амбиентот во слаткарницата е уште една ненамерна фузија од традиција и сегашност. Можете да пиете одлична боза и да уживате во џез-музиката, која ја пуштаат на радио, или да гледате во старите фотографии на ѕидот, подѕирнувајќи одвреме-навреме во екранот на големиот плазма-телевизор, кој се наоѓа веднаш до низата од лук, која сопругата на чичко Азис ја ставила за да ги штити од урок или од неубави мисли.
Во џагорот на слаткарницата секогаш се препознаваат по неколку паралелни муабети - на македонски, турски, албански, па и англиски јазик.

Странците им се чести гости, особено лете, а еден од внуците на Азис, работејќи, дофрла дека секое лето доаѓа некој Италијанец и секогаш го купува истиот сладолед, направен по уникатниот рецепт на оваа слаткарница, Но, за сладоледот од „Охрид“ во некоја наредна репортажа, можеби уште ова лето.

Го прашувам газда Азис дали е тешко да се одржат некои вредности во текот на цел еден век. Со смирен израз на лицето и со една лесна спокојност тој одговори:
- Ако човек чесно работи, и традицијата и занаетот ќе опстанат.

Иако има помош од своите синови, па дури и од најмлад внук, кој има само четири и пол години и кој доаѓа секој ден, по градинка, сепак газда Азис прв доаѓа во дуќанот. И последен заминува од него.

- Мене душата не ми е мирна ако не отворам пред сите, ако не проверам дали има од сите состојки што ни требаат, дали има брашно, јајца, зачини, чоколада и с$ друго, потоа дали е с$ исчистено и на свое место, па дури потоа ги отворам вратите за да влезат луѓето во мојот втор дом - вели тој.

Неговата идеја за тоа што е добар домаќин изгледа вака:
- Добар домаќин сум ако им понудам на муштериите вкусни слатки и пијалаци, мирна и пријатна атмосфера и ако успеам да им го разубавам денот.

Газда Азис вели дека слаткарскиот занает го научил да биде спокоен - на повеќе начини. Тоа се чувствува и во разговорот со него.

Во ова време-невреме, кога сите некаде брзаат, во слаткарницата „Охрид“ ќе најдете малку од спокојството на семејството Бајмак.

А, што ми треба повеќе, прашува газда Азис.


Текстот е позајмен од весникот „Време“, а авторот е Благица Иванова.
Кликнете тука за оригиналот.

Wednesday, August 11, 2010

Штикли во чаршија

Да балансираш на тегет лакована штикла на искршената калдрма во Стара чаршија мора или многу да сакаш штикли, или многу да ја сакаш Чаршијата. Или и двете. Отсекогаш сум тврдела дека кога веќе градов го газат луѓе што не заслужуваат ни да го вдишат, тогаш, да се потрудиме да му учиниме со штикли, чизми и други работи кои предизвикуваат убави, накај скокотливи мисли. Ја напикав колата во едно од моите дежурни места за бесплатен паркинг, па почнав полека да се поздравувам со Чаршијата, одејќи накај заживеаната угорница, што е сега модерна, ама не толку модерна колку Ленинова (пу, пу), и се уште осиромашена од фантастичниот Арт 108, со инвентивниот Dylan Dog тоалет. Чаршијата ги чува моите сништа, моментално. Не само што е возвишена, туку само таму го има лустерот со пердуви што ме воодушеви, и само таму има сандали со какви што ќе ти се смеат на улица (утре ќе си ги купам) и уште неколку сребрени прстени што ќе ги набавам во блиска иднина. Сепак, овој пат беше веќе 9 часот и немав време да заглавувам по светкави излози, имав време само да доодам, прилично внимателно до моето кафе, во винаријата, во делот кајшто, кога ќе седнеш, гледаш надолу накај Ракија-барот и уште едно местенце... А ако се свртиш десно, го гледаш највисокиот дел на тврдината. Музиката беше прегласна, муабетот беше секојдневен, но јас морам јавно да се заблагодарам на еден господин, странец, кој ја гњавеше мојата другарка. Имено, додека тој се обидуваше да воспостави контакт, мене ми преостануваше да гледам во тоа пред мене, а тоа пред мене беше жива разгледница, поглед на безвременски пејсаж, перспектива на калдрмата, осветлена од ноќните светилки, темните излози кои знаеш дека веќе утредента ќе заживеат со рагракани продавачи од кои повеќето имале среќа животот да си го изградат токму во средината, во длабочината на овој поетичен спој на елементи. И си викам, зошто МЕНЕ не ми текна стихот „Дали волшебник те насликал?“ Ако постојат богови, тогаш некој од нив сериозно се зафатил со овој град. И веќе не е ни битно кога се откачи странецот, и што беше после муабетот. Битно, на секоја пауза, голтка кафе, или звук кој одвлекуваше внимание, успевав да украдам по еден мал момент да ја погледнам мојата слика.

Да, волшебник те насликал.

Ј.