Monday, September 7, 2009

Ретро: Училишта во Скопје

Во 1918 год. во Скопје се отвориле 9 училишта: “Цар Душан”со 5 одделенија; “Владимир Кариќ” со 5 одделенија; “Св. Сава” со 5 одделенија; “Ѓура Јакшиќ” со 8 одделенија; “Св. Богородица” со 6 одделенија; “ Бранко Радичевиќ” со 5 одделенија; “Вук Ст. Караџиќ” со 5 одделенија; “Ѓ. Даничиќ” со 3 одделенија;”Доситеј Обрадовиќ “ со 3 одделенија- вкупно 45 одделенија.

Наставата во основните училишта се одвивала на државниот српско-хрватски јазик.

Основното образование било задолжително со закон, а траело 4 години. Во првите години во училиштето, основен прибор на учениците им биле мали дрвени таблички на кои се пишувало со креда. Едната половина на табличката била чиста, додека другата имала хоризонтални линии. На аголот бил направен отвор низ кој се протнувал конец со сунѓерче. Во погорните одделенија учениците пишувале во тетратки.



Основното училиште “Св. Богородица” (во Пајко маало) било подигнато покрај истоимената црква во средината на 19 век. Тоа имало 4 одделенија, а под него се наоѓале канцелариите на Соборната црква.



Основното училиште “Доситеј Обрадовиќ” се наоѓало во Чаир, а било изградено околу 1840 год. Првата зграда била од слаб материјал и била мала, па со помош на трговците Коста Клисаров, Трајко Сидовски и др. во 1919 год. било изградено ново школо. Во него имало 5 соби и долг ходник, а во дворот имало стан за служители.




Основното училиште “Владимир Кариќ” го подигнал таткото на некој загинат егзархист, праќајќи од Белград 500 дукати. Ова училиште се наоѓало во црквата Св. Константин и Елена ( во центарот на градот, кај денешен “Жена парк”).


Во 1933 година бил забележан и голем напредок на школството, со отварање на 2 модерни училишни згради:”Цар Душан” и “Ѓура Јакшиќ”. Од сите стари училишни згради во Скопје, на најнизок степен била зградата на основното училиште “Цар Душан” (која се наоѓала близу до плоштадот каде што денес се наоѓа “Македонија проект”). Истата година била осветена и училишната зграда “Ѓура Јакшиќ”. Била изградена откако изгорело истоименото училиште, а зградата се наоѓала близу до Железничката станица “Војвода Путник” (бавчите во населбата Пролет) и од сите страни била опкружена со зеленило.

(Статијата е позајмена од Панорама - Културен водич за Скопје)

1 comment: