Monday, October 19, 2009

Салвадор Дали во Музеј на современа уметност


На 19 октомври во 19 часот во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена, подолго време најавуваната изложба на големиот шпански и светски сликар, Салвадор Дали. На публиката во следните два месеца бесплатно ќе и биде понуден избор од сто литографии од творечкиот циклус на мајсторот на натуралистичкиот надреализам „Божествена комедија“, 15 графики, 15 керамики и шест скулптури во мал формат, како и фотографии од приватниот живот на Дали, дела на чешкиот фотограф Вацлав Чочола. Изложбата доаѓа од приватната галерија „Куќата кај Белиот еднорог“ во Прага, на колекционерот Зенек Кочик, од каде минатата година во Музејот беше презентирано и дел од творештвото на светски познатиот фотограф Јан Саудек.

Со изложбата на Дали, МСУ ќе одбележи 45 години од своето основање, а директорката Елиза Шулевска, вчера изрази надеж дека ова светско име ќе привлече повеќе од 11 илјади публика, која ги посетила минатите изложби на познатите мајстори на визуелната уметност, Виктор Вазарели и Јан Саудек. Доколку интересот биде голем, работното време на Музејот ќе биде продолжено до 19 часот, а не е исклучено да биде отворен и во неработниот, понеделник. Богатото и светски познато творештво на Салвадор Дали го чинат освен слики, графики, керамики и дизајни на накит, мебел и костими за филмови и балет, а тој е познат и како автор на фотографии, режисер.. Циклусот литографии „Божествена комедија“ го работел од 1951 до 1960 година, како илустрација на истоимената трилогија на Данте Алигиери. Со него италијанската влада планирала да ја одбележи 700 годишнината од раѓањето на големиот ренесансен писател, но иако го иницирала, го одбила циклусот поради неговото шпанско потекло, а дали сепак ги објавил литографиите пет години подоцна во Париз.

Собрано од тука.

1 comment:

  1. Ја посетив изложбата и ми се допадна БРОДОТ НА ДУШИТЕ најмногу. Исто така и во скулптурите имаше нешто посрбно и привлечно!

    ReplyDelete