Friday, June 7, 2013

ИЗЛОЖБА ПО ПОВОД 50 ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО СКОПЈЕ: „НЕДОВРШЕНИ МОДЕРНИЗАЦИИ: ПОМЕЃУ УТОПИЈАТА И ПРАГМАТИЗМОТ“

ИЗЛОЖБА ПО ПОВОД 50 ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО СКОПЈЕ:
„НЕДОВРШЕНИ МОДЕРНИЗАЦИИ: ПОМЕЃУ УТОПИЈАТА И ПРАГМАТИЗМОТ“

Место: Музеј на град Скопје 

Датум: 10.06.2013
Време: 20:30ч

Почутувани пријатели,


ќе ни претставува особена чест и задоволство доколку со Вашето присуство го збогатите отворањето на изложбата по повод 50 години од земјотресот во Скопје: „Недовршени модернизации:помеѓу утопијата и прагматизмот“, поддржана и преку Програмата за култура за 2013 година на Министерството за култура на РМ и на Град Скопје.


Изложбата „Недовршени модернизации: помеѓу утопијата и прагматизмот“ е големото финале на двегодишниот истоимен проект, реализиран од страна на Здружението на хрватските архитекти од Загреб; „Орис“ куќа на архитектурата од Загреб, Музејот за архитектура и дизајн од Љубљана, Уметничката галерија од Марибор, Здружението на архитектите на Белград од Белград и „Коалицијата за одржлив развој“ - КОР од Скопје. Проектот, реализиран во рамките на европската програма Култура 2007-2013, претставува иницијатива за долгорочна истражувачка платформа за архитектурата и урбаното планирање на просторите на поранешна Југославија, создавани во периодот од почетокот на заедничката социјалистичка држава до денес, гледано низ призмата на еден поширок социјален, политички и културен контекст.


Преку изложбата се претставени карактеристичните архитектонски и урбанистички практики од периодот на социјализмот во однос на општествениот контекст во кој тие настанале, но и нивниот сегашен изглед и карактер. Опфаќајќи ја целокупната работа на истражувачите од Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и од Словенија, изложбата, освен со естетските и технолошките достигнувања на архитектонските и на урбанистичките проекти, се занимава и со општествената перспектива на процесите што влијаеле врз развојот, постоењето и распадот на Југославија. Релевантноста на избраните проекти се оценуваше врз основа на придонесот на тие достигнувања во обликување на јавната сфера. Една од целите на проектот беше и да го преиспита општото (и меѓународно прифатеното) верување за периодот на урбаната модернизација во поранешна Југославија и да ја промовира различноста на културните идентитети во регионот. 


Изложбата, прва од ваков тип, опфаќа бројни архитектонски проекти, од туристичките експерименти на Јадранскиот брег, изградбата на пост-земјотресно Скопје како единствен пример за сеопшта меѓународна солидарност, преку концептите за новите градови и изложбените павилјони на меѓународните изложби, се до озлогласените јавни објекти и историски споменици во републиките на поранешна Југославија од 1948 до 1990 година. Преку еден поинаков, нов пристап, изложбата ја отсликува целта на проектот да го преиспита социјалистичкото архитектонско наследство на Југославија и да ги разбуди силните и продуктивни врски, присутни на секој чекор во урбаниот простор на поранешната заедничка држава.


Проектот се реализираше преку 14 истражувања, 5 конференции (Загреб, Скопје, Белград, Сплит, Марибор), со преку 30 истражувачи. Во 2012 година, истражувањата се претставени на изложбата во Марибор, Словенија, град којшто во 2012 беше Европска престолнина на културата. Од 2012 година до сега изложбата „Недовршени модернизации:помеѓу утопијата и прагматизмот“ беше поставена во Белград, Сараево, Подгорица, каде побуди огромно интересирање и кај стручната јавност и кај обичната публика. Следна дестинација на изложбата е Загреб.


Поради сето ова погоре наведено, цениме дека и Вие со вашето присуство ќе придонесете за подостојно одбележување на големиот јубилеј на главниот град - 50 години од земјотресот на Скопје. 


Здружението на граѓани „Коалиција за одржлив развој“ - КОР од Скопје е доброволна, непрофитна и непартиска организација на граѓани кои работат во партнерство за да промовираат, поттикнат и реализираат активности кои ќе водат кон одржлив развој на заедницата. Мисијата на Коалицијата за одржлив развој е промовирање, поттикнување и реализирање на активности коишто ќе придонесат кон обезбедување одржлив развој во Република Македонија, преку взаемна и координирана работа на граѓанскиот сектор со националната и локалната власт. Имајќи ги предвид Статутарните определби на „Коалицијата за одржлив развој“, организацијата како сфери на своето делување ги има таргетирано сите четири области на одржливиот развој: економскиот, општествено-социјалниот, еколошкиот и културниот развој.


Со почит,

Милева Мики Златановиќ
ПР КОР

No comments:

Post a Comment